На 29 јули во посeта на Царинската управа на Република Македонија престојуваше г-дин Стивен Мендез, директор на Царинската служба на Маурициус. Посетата следи по склучувањето на Договорот за соработка помеѓу двете царински служби и Светската царинска организација за давање на стручна помош на Царината на Маурициус за градење на капацитети за развој на електронски едношалтерски систем во Маурициус, потпишан во јуни годинава.
При посетата, на директорот на Царинската служба на Маурициус му беа презентирани активностите кои македонската царина ги презема за осовременување на царинското работење и воведување на нови методи и алатки на полето на градењето на инситуционалните капацитети, примената на современа информатичка технологија и автоматизирањето на работењето. Претставени беа и резултатите во борбата против криминалот, унапредувањето на професионалната одговорност, соработката со стопанските субјекти и олеснувањето на трговијата и транспарентноста.
На средбата е потврдена заинтересираноста за размена на искуства преку размена на експерти за поефикасна примена на анализата на ризик и борбата против криминалот.
Со реализацијата на предвидените активности, согласно принципите на Светската царинска организација, Царинската управа преку стручна помош и пренесување на свои искуства, на глобален план, дава своја подршка и придонес кон воспоставување на повисоки стандарди во царинското работење. |