Поедноставените постапки ја заменуваат вообичаената постапка, овозможуваат извозот или увозот да се извршуваат надвор од царинскиот терминали и/или со помалку документи. Исто така ја намалуваат улогата на посредниците (застапниците) во царинските постапки со што се намалуваат трошоците на компаниите и се намалува времето за спроведување на царинските формалности, како и спроведување на царинските формалности надвор од редовното работно време на царинските власти.

За да се употребуваат поедноставените постапки меѓу другото потребна е транспарентна и следлива евиденција која овозможува лесен и ефикасен царински надзор врз спроведените увозни и извозни постапки, да не се поднесуваат декларации само повремено, да бидат исполнети одредбите за забрани и ограничувања, односно мерки на трговска политика, да не се извршени тешки или повеќекратни прекршувања на царинските и даночните прописи.

Со поедноставени постапки се овозможува на имателот на одобрение:

  • да поднесе царинска декларација која не содржи некои од пропишаните податоци или кон неа да не приложи некои од пропишаните документи(постапка со непотполна декларација),
  • наместо царинска декларација да поднесе комерцијален или административен документ, заедно со барање за ставање на стоката во предметната царинска постапка(поедноставена постапка за декларирање), и/или
  • да ја стави стоката во предметната царинска постапка во негови простории или друго одобрено место со запишување во својата евиденција, во кој случај може да не се бара да ја стави стоката на увид(постапка на локално царинење),

со обврска во одобрениот рок да поднесе дополнителна декларација, која заедно со царинските декларации со поедноставувања претставува единствен неделив документ кој предизвикува дејство на денот на прифаќањето на декларациите со поедноставувања.

Со поедноставените постапки на економските оператори им се овозможува побрз проток на стока, заштеде на време и средства како и намалување на трошоци.

Барањето зависно од видот на поедноставените постапки се поднесува на еден од обрасците кои се во прилог на ова Упатство и се објавени на интернет страницата на Царинската управа, и тоа:

  • Барање за давање на одобрение за употреба на поедноставени постапки дополнителен образец увоз (Прилог 1);
  • Барање за давање на одобрение за употреба на поедноставени постапки дополнителен образец извоз (Прилог 2).

Потребно е кај подносителот на барањето да се утврдат следните факти и/или изведат следниве докази за:

  • соодветноста на предложениот простор или просторија за ставање на увид на стоката предмет на бараната поедноставена постапка. Како место за ставање на увид може да се определи и царински терминал во рамките на внатрешните стокови царински испостави или царински терминал на гранични премини;
  • видот и содржината на предложената евиденција за водење на поедноставените постапки на барателот, односно дали евиденцијата функционира и овозможува непречена контрола од страна на царинските органи. Притоа треба да се има предвид дали барателот има развиено сопствена електронска апликација за евиденција на поедноставените постапки или има склучено договор за користење и одржување на ваква апликација со друго лице. При контрола на видот и содржината на предложената евиденција за водење на поедноставени постапки, по потреба се вклучува и царински службеник од Секторот за информатичко комуникациски технологии;
  • економската оправданост за давање на одобрение за бараното поедноставување, врз основа на доставените податоци за предвидениот број на пратки во текот на еден месец;
  • степенот на познавање на царинските прописи и прописите за примена на поедноставените постапки од страна на вработените лица кај барателот кои ќе ги спроведуваат поедноставените постапки, вклучувајќи дали истите поседуваат лиценца за застапување во царинските постапки. На основа на интервју со вработените лица кои ќе ги спроведуваат поедноставените постапки се оценува степенот на познавање на царинските прописи и прописите за примена на поедноставените постапки, а по потреба се даваат насоки во кои области лицата треба да ги унапредат своите познавања;
  • дали надзорната царинска испостава може да врши надзор и контрола над спроведувањето на поедноставената постапка без непропорционални административни оптоварувања;
  • дали подносителот на барањето на постапка за локално царинење при увоз или на поедноставена постапка за декларирање при увоз, има општа гаранција за обезбедување на царинскиот долг.
  • дали подносителот на барањето во случаите кога по завршување на транзитна постапка стоката ја сместува во просторија за повеќекратно привремено чување е имател на одобрение за привремено чување или за одобрување на поедноставена постапка за локално царинење со ставање во постапка на царинско складирање или увоз за облагородување е имател на одобренија за соодветната постапка;
  • дали подносителот на барањето ги има потребните согласности или одобренија од надлежните органи доколку за стоката која е предмет на поедноставена постапка се применуваат мерки на трговска политика.

За стоките пуштени во одобрената поедноставена царинска постапка во текот на одреден период имателот на одобрението е должен до надзорната царинска испостава да поднесе дополнителна декларација во форма на ЕЦД.

Дополнителна декларација се поднесува збирно за сите уписи во евиденцијата при постапката за локално царинење и/или за сите административни или комерцијални документи во одреден рок за постапка со поедноставена декларација.

Дополнителната декларација може да се поднесе неделно или месечно при што:

  • во случај на одобрено неделно поднесување на дополнителна декларација, тоа е петтиот работен ден по истек на неделата во текот на која била користена поедноставената постапка (на пример: за период од понеделник 01.01 до недела 07.01 дополнителна декларација се поднесува најдоцна до петок 12.01.);
  • во случај на одобрено месечно поднесување на дополнителна декларација, тоа е десеттиот ден по истек на месецот во текот на кој била користена поедноставената постапка (на пример: за месец март од 1 до 31 дополнителна декларација се поднесува најдоцна до 10.04.).

Увозните и другите давачки се плаќаат со поднесување на дополнителната декларација.

Упатството за поедноставени постапки

Упатсво за спроведување на поедноставени постапки за енергенти

Барање за примена на поедноставена постапка за постапки за енергенти

Прилог 1 Барање за давање на одобрение за употреба на поедноставени постапки дополнителен образец увоз

Прилог 2 Барање за давање на одобрение за употреба на поедноставени постапки дополнителен образец извоз