За економските оператори кои се вклучени во меѓународната трговија правилата за потекло се важни заради неколку причини. Тие можат да влијаат на способноста на економскиот оператор да земе учество на меѓународниот пазар, можат да влијаат врз цената и конкурентноста на производот на меѓународниот пазар, влијаат врз одлуките за тоа каде компаниите да инвестираат и од каде да ги изберат своите добавувачи на суровини и репроматеријали.

Правила за потекло се користат за одредување на земјата на потекло на стокaта. Во зависност од потеклото државата може да примени и да спроведе сет од мерки на трговска политика (непреференцијален третман) или во други случаи земјата може да додели и одредени привилегии на стоката со потекло (преференцијален третман) односно при увозот таа стока да биде ослободена од плаќање на царински давачки.

Правилата за стекнување на потекло за преференцијален третман се пропишани во протоколи за потекло во билатералните и мултилатерални договори помеѓу земјите.

Економските оператори денес се соочуваат со сé поголема сложеност во примената на правилата за потекло. Дополнителни потешкотии предизвикува и фактот што бројот на трговски договори кои ги поставуваат и дефинираат правилата за потекло во светски рамки е значителен и веќе надминува над 400 низ целиот свет.

Светската царинска организација (СЦО) и Меѓународниот трговски центар (ИТЦ) промовираа нова онлајн алатка за олеснување на трговијата (ITC-WCO Rules of Origin Facilitator) која овозможува пребарување и користење информации поврзани со трговските договори, применливите царински давачки во земјите на крајна дестинација, правилата за потекло специфични за секој производ, како и информации во однос на сертификатите за докажување на потеклото.

Во моментов, опфатени се 85 земји, вклучувајќи ги и повеќето од развиените економии. Онлајн алатката ја опфаќа целата стока во светот, почнувајќи од сурови земјоделски производи до софистицирани машини и електроника.

Користењето на оваа алатка е едноставно, бесплатно и достапно преку било кој интернет пребарувач на следниот линк www.findrulesoforigin.org