НКТС
Новиот компјутеризиран транзитен систем (НКТС) употребува напредни компјутерски технологии и електронска обработка на податоци. Претставува современа алатка за спроведување на транзитната постапка, преку размена на електронски пораки помеѓу економските оператори и царинските испостави, како и помеѓу самите царински испостави. Служи како алатка за управување и контрола на транзитните операции и овозможува модерно и ефикасно управување со истите. Република Македонија е членка на Конвенцијата за заедничка транзитна постапка со што транзитната постапка се спроведува со единствена електронска транзитна декларација во рамките на земјите членки на конвенцијата.
ПЕК
Порталот за електронска комуникација (ПЕК) е on-line систем за електронска размена на документи со Царинската управа на Република Македонија. Системот им овозможува на надворешните кориснци да доставуваат најразлични видови на барања до Царинската управа во електронска форма, како и во реално време да ја следат состојбата на доствените предмети. Ваквиот начин на електронска размена на документите ја подобрува ефикасноста, како на Царинската управа, така и на бизнис заедницата во Република Македонија, со што се заштедуваат време и финансиски средства.
ИТО
Интегрираната тарифна околина (ИТО) претставува бизнис концепт кој групира повеќе комјутерски системи што служат за размена на информации помеѓу Европската комисија и земјите - членки на Европската Унија (ЕУ). Задолжителен предуслов за пристапување во ЕУ е воведувањето на ИТО, со цел приближување до заедничкиот eвропски пазар и Царинската унија на ЕУ. ИТО обезбедува целосна компатибилност и интероперабилност помеѓу ИТ системите на Царинската управа и соодветните ИТ системи на Царината на ЕУ, и воспоставување на бизнис процеси компатибилни со ИТО на ЕУ.
EXIM
EXIM e електронски систем кој го користат 16 институции кои имаат надлежности во областа на надворешно-трговското работење и претставува едношалтерскиот систем за дозволи за увоз, извоз и транзит на стоки и тарифни квоти. Овозможува пребарување според тарифниот број на стоката и добивање информации за тоа кои дозволи се потребни за увоз, извоз или транзит преку користење на опцијата Пребарување. Преку опцијата Тарифни квоти, под Пропишани количини на тарифни квоти, деловната заедница може да се информира за тоа кои тарифни квоти и од кои земји се достапни за распределба. EXIM овозможува електронско поднесување на барањата за дозволи за увоз, извоз и транзит од страна на деловната заедница, како и електронско издавање на дозволите од страна на надлежните институции. Преку системот, подносителите можат да го следат статусот на процесирање на нивните барања, се до нивното конечно издавање. Преку EXIM увозниците имаат можност електронски да поднесуваат барања за распределба на тарифните квоти достапни согласно трговските договори склучени од страна на Република Македонија. Тарифните квоти на дневна основа се распределуваат според принципот „прв дојден, прв услужен“.
Проверка на излез на стока
Системот овозможува на надворешните кориснци проверка во реално време на информацијата за излез на нивната стока од територијата на Република Македонија. Ваквиот начин на електронска проверка на потврдата за излез на стоката од државата, заштедуваа време и финансиски средства на бизнис заедницата во Република Македонија, додека на останатите државни институции (како на на пример УЈП) ја подобрува ефикасноста при работењето.
Е-учење
Царинската управа во насока на исполнување на стратешкиот приоритет Модернизација, овозможува изучување на царинската регулатива со помош на курсеви за електронско учење.
Овие курсеви се наменети како за царинските службеници, така и за бизнис заедницата која ги применува царинските прописи.
Курсевите се развиени од Европската комисија, како дел од активностите на програмата Царина 2020. Истите претставуваат едноставна алатка за професионален развој, но препорачуваме овие курсеви да бидат интегрирани во Програма за обука во која покрај електронското учење ќе бидат опфатени и други методи на обука.
СОЦДАД
Царинската управа развива нов Систем за обработка на декларации и акцизни документи (СОЦДАД), кој ќе овозможи непречен проток на електронски информации помеѓу сите учесници во процесот на царинските и акцизните постапки, преку поврзување со надворешниот, националниот и заедничкиот домен на ЕУ, како и со доменот на други владини институции. СОЦДАД со компаниите може да се поврзе и комуницира на два начина и тоа: директно преку веб портал или преку "систем кон систем" комуникација со примена на веб сервиси. Со цел развој на системи кои директно ќе комуницираат "систем кон систем" со СОЦДАД, објавена е првичната верзија на неопходните технички спецификации.