Министерот за финансии, Кирил Миноски денеска оствари работна посета на Царинската управа на Република Македонија.

На работниот состанок директорката на Царинската управа го информираше министерот за финансии за реализираните и тековните проекти што произлегуваат од програмата на Владата, притоа потенцирајќи ги активностите кои ги превзема Царинската управа за имплементација на Спогодбата за олеснување на трговијата, како и низата мерки во насока на поедноставување и олеснување на царинските постапки, а со цел одржување и унапредување на постоечката позиција во  најновиот Извештај за Doing Business на Светската банка кај Индикаторот Услови за прекугранична трговија, каде Република Македонија е рангирана на високото 26 место помеѓу 189 земји во светот, што претставува скок од 101 место во однос на 2007 година кога Република Македонија беше рангирана на 127 место.

Меѓу темите на разговор беа и  Проектите за Надградба на објектите за царинење на граничните премини Табановце и Ќафасан, а кои се дел од програмата на Владата на Република Македонија. Реализацијата на овие два проекти значително ќе ја подобри инфраструктурата на двата премини и ќе ја зголеми пропусната моќ на премините, ќе го намали времето потребно за вршење на граничните формалности и ќе овозможи примена на современи средства за инспекција, со што ќе се забрза и олесни стоковата размена, а воедно ќе се олесни и забрза транспортот долж Пан-европските коридори 8 и 10. Овој месец ќе започнат градежните работи на граничниот премин Табановце кои треба да завршат до крајот на 2017 година. Градежните работи на ГП Ќафасан треба да започнат во 2017 година, а да завршат во вториот квартал од 2018 година.

Министерот Миноски при посетата во Царинската управа присуствуваше и на работен состанок на Комитетот за следење на приходите кои ги наплатува Царинската управа, каде беше информиран дека Царинската управа заклучно со месец септември 2016 година оствари приход од 53.678,35 милиони денари односно за 6,87% поголем од планираните за тој временски период и за 10,51% повеќе во споредба со истиот период во 2015 година.

Оваа работна средба беше искористена и за посета на централизираниот  систем за видео надзор над царинските испостави, како една од посoфистицираните алатки за превенција и борба против шверц и корупција.

 

Мерките што Царинската управа секојдневно ги презема во насока на спречување на шверц резултираа и со две значајни заплени на дрога во текот на изминатата седмица. Имено, на 1 октомври на ГП Табановце, царинските службеници спречија обид за шверц на 26 килограми марихуана, а неколку дена пред тоа на 28.09.2016 година на ГП Блато спречен беше шверц на 12 килограми марихуана. Дел од запленетата марихуана беше презентирана пред министерот.

Министерот и директорката се согласија дека успесите во работата не се случајни туку резултат на повеќегодишна, фокусирана, трпелива и тимска работа при што ја истакнаа заложбата  за понатамошна успешна соработка во насока на натамошно поедноставување на царинските постапки, зголемување на конкурентноста на домашната економија и намалување на трошоците на економските оператори.