Со цел поголема транспарентност и подобро работење, Царинската управа своето работење континуирано го доближува до интересите на бизнис заедницата, како и на сите учесници во царинските постапки, а преку заеднички организирани состаноци и отворена дискусија се слушаат и нивните размислувања и предлози за поефикасна и поефективна соработка.  Тоа ја зголемува нашата ефикасност и го подобрува квалитетот на носењето одлуки.

Во таа насока, како и во рамките на редовните активности за ефикасно спроведување на една од нашите основни надлежности олеснување на трговијата и овозможување на брз, ефикасен и непречен увоз, извоз и транзит на стока, Царинската управа на Република Македонија, денес (7.12.2016 година), одржа работен состанок со шпедитерските компании од територија на Царинарница Гевгелија.

За време на работниот состанок, на кој присуствуваа над 30 претставници на шпедитерските компании, беа разменети мислења, ставови и предлози во врска со царинските и другите прописи и примена на истите во нивното секојдневното работење. Меѓудругото, беше иницирано одржување на средба со Инспекциски совет и директорите на инспекторатите кои издаваат увозни, извозни и транзитни дозволи, во наредниот период.

Царинската управа и понатаму постојано ќе се труди преку директен контакт со учесниците во царинските постапки да ја подобри работата и да ја оствари стратешката цел да стане и остане најдобар сервис на граѓаните, економските оператори и државата, согласно домашни и меѓународно признати најдобри практики и да биде лидер во процесот на пристапување кон Европската царинска унија.