Царинската управа на Република Македонија во првата половина од 2017 година продолжи со успешната реализација на наплата на давачки при увоз (царина, данок на додадена вредност, акцизи и надоместоци) и наплата на акциза не само при увоз, туку и во внатрешен промет.

Имено, во првата половина од 2017 година остварени се приходи во износ од 36,8 милијарди денари, што претставува за 8,6% (или околу 2,9 милијарди денари) повеќе од истиот период во 2016 година, односно 5,7%  (или околу 2 милијарди денари) повеќе од планираните приходи за овој период од годината.

Износот на наплатени давачки по видови за првите 6 месеци од 2017 година, изнесува:

- ДДВ: 22,05 милијарди денари, што претставува за 11,5%, односно за 2,3 милијарди денари повеќе од наплатените во истиот период во 2016 година и за 6,3% повеќе од планираните приходи од ДДВ;

-Царина: 2,5 милијарди денари, што претставува за  8,9%, односно за 204 милиони денари повеќе од наплатените во истиот период во 2016 година и за 4,5% повеќе од планираните приходи од царина;

-Акцизи: 11,9 милијарди денари, што претставува за 4%, односно за 454,1 милиони денари повеќе од наплатените во истиот период во 2016 година и за 5,1% повеќе од планираните приходи од акцизи;

-Надоместоци: 307,7 милиони денари, што претставува за 6,6%, односно за 21,9 милиони денари помалку од наплатените во  истиот период во 2016 година и за 1,8% помалку од планираните приходи од надоместоци.

Царинската управа на Република Македонија задржувајќи постојан тренд на зголемување на наплатата, очекува да го исполни и да го надмине планот за наплата на давачки за 2017 година.