Постапувајќи по констатирани неправилности, Царинската управа на Република Македонија во периодот септември - ноември 2017 година, до надлежните јавни обвинителства  поднесе  6 кривични пријави против 6 физички лица и 2 правни лица.

Кривичните пријави се поднесени поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, „Царинска измама“ и „Повреда на права на индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма “.

Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори

Три кривични пријави против три физички лица се поднесени поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, од кои:

* Една кривична пријава е поднесена до Основното Јавно Обвинителство Куманово против лицето К.А., македонски државјанин, кој на ден 08.09.2017 година со својот автомобил се пријавил за излез од Република Македонија на граничниот премин Табановце.

По извршена контрола во задниот дел на подвозјето од возилото, поточно над издувната цевка, билa пронајдена најлонска кеса обвиткана во хартиена кеса, наполнета со непозната материја од растително потекло со зелена боја, која на тестер за дрога покажало присуство на марихуана.

По наредба издадена од Основното Јавно Обвинителство Куманово извршено е вештачење на растителната материја со кое е потврдено дека истата преставува опојна дрога – марихуана со вкупна маса од 19,31 грам.

Пријавениот е изведен пред судија на претходна постапка во Основниот  Суд Куманово кој му одреди мерка притвор во траење од 30 дена.  

* Една кривична пријава е поднесена до Основното Јавно Обвинителство Скопје против лицето Е.Б., државјанин на Република Македонија, кој на ден 26.10.2017 година со ТМВ со македонски регистарски ознаки, се пријавил на влез во Република Македонија на граничниот премин Блаце. Откако возилото било пријавено кај царинскиот орган заради отпочнување на транзитна постапка, царинскиот службеник го селектирал за детален преглед во присуство на овластениот шпедитер. По кратко време шпедитерот го известил царинскиот службеник дека возачот на возилото го напуштил царинскиот терминал и се оддалечил во непознат правец, оставајќи го возилото, стоката и патната исправа кај царинскиот орган. Царинските службеници пристапиле кон детален преглед на приколката која била натоварена со пресувана хартија во Косово, за краен корисник во Република Турција. При прегледот, со отстранување на неколку бали од пресуваната хартија, во средишниот дел од приколката поточно во просторот помеѓу самите бали беа пронајдени вкупно 839 пакувања завиткани во проѕирна најлонска фолија со различна форма, големина и тежина, наполнети со непозната растителна материја со зеленкаста боја, која на тестер за дрога покажа присуство на наркотична дрога „марихуана“. По наредба на Јавен обвинител извршено е вештачење на непознатата растителна материја при што е утврдено дека истата преставува опојна дрога – марихуана со вкупна нето маса од 997.116,00 грама.

* Една кривична пријава е поднесена до Основното Јавно Обвинителство Скопје против  лицето Н.Д., државјанин на Република Македонија, кој на ден 15.09.2017 година во царинската испостава Пошта Скопје подигнал три пратки кои претходно биле пристигнати во месец мај, јуни и август истата година, со вкупно 18 парчиња семки за марихуана, а кои тој во три наврати ги набавил преку интернет.   По наредба на Јавен обвинител извршено е вештачење на семенскиот материјал при што е утврдено дека сите 18 семки потекнуваат од растението „Cannabis“ кои не содржат психоактивни супстанци и не се користи како опојна дрога, но со засадување на истите од нив може да се развие растението „Cannabis“. Со обработка на врвни делови од ова растение можат да се добијат производи кои се употребуваат како опојна дрога позната под име марихуана, хашиш и други.

Царинска измама

Две кривични пријави против две правни и две физички лица се поднесени, до Основното Јавно Обвинителство Тетово, заради постење на основано сомневање дека е сторено кривично дело „Царинска измама“, од кои:

* Една кривична пријава е поднесена против правно лице од Струмица и одговорното лице З. К., од Струмица, поради постоење на основано сомнение дека  сториле кривично дело царинска измама по член 278-а од Кривичниот Законик на Република Македонија. Пријавените дале лажни податоци за стоките при увозно царинење, а кои влијаат на пресметките на износот за плаќање на царина и други увозни давачки, со намера да избегнат делумно плаќање на истите во вкупна вредност од 398.892,00  денари. За потребите на правното лице со една царинска декларација во царинска испостава Тетово, увозно оцаринети се профили според  приложена е фактура, на вкупен износ од 15.028,52 евра. Во рамки на меѓународна соработка од страна на царинската администрација на Република Турција доставена е извозна фактура за стоката, на износ од 37.400,00 евра, односно единичната цена на профилите наместо 0,1 евра, изнесувала 4.25 евра. Врз основа на ваквата утврдена фактичка состојба, Царинската управа ја утврди царинската вредност на стоките и изврши дополнителна пресметка на царински долг по предметната декларација, при што се утврдија вкупно избегнати царински и други давачки во износ од 398.892,00 денари, кои увозникот е задолжен да ги плати.

* Една кривична пријава е поднесена против правно лице од Гостивар и одговорното лице З. Ц., од Скопје, поради постоење на основано сомнение дека  сториле кривично дело царинска измама по член 278-а од Кривичниот Законик на Република Македонија. Пријавените дале лажни податоци за стоките при увозно царинење, а кои влијаат на пресметките на износот за плаќање на царина и други увозни давачки, со намера да избегнат делумно плаќање на истите во вкупна вредност од 3.489.894,00 денари. За потребите на правното лице со девет царински декларации во царинска испостава Тетово, увозно се оцаринети разни стоки од Република Турција. Во рамки на меѓународна соработка од страна на царинската администрација на Република Турција доставени се извозни фактури за стоките на многу повисоки износи од приложените при увозното царинење. Царинската управа, врз основа на ваквата утврдена фактичка состојба, ја утврди царинската вредност на стоките и изврши дополнителна пресметка на царински долг по увозните декларации, при што се утврдија вкупно избегнати царински и други давачки во износ од 3.489.894,00 денари, кои увозникот е задолжен да ги плати.

Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма

* Една кривична пријава е поднесена до Основното Јавно Обвинителство Скопје против лицето Ј. Т., од Прилеп, поради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело повреда на права на индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма, односно пуштил во промет производи што се предмет на заштита на правата од индустриска сопственост, со намера да измами купувачи. На ден 20.03.2017 година на патниот правец Скопје – Катланово, од страна на царинските инспектори од Одделението за оперативни работи  при Царинската управа  на Република Македонија, за контрола било сопрено патничко моторно возило Форд Галакси управувано од страна на пријавеното лице. Од страна на царинските инспектори извршен е детален преглед на возилото и стоката сместена во истото, при што во багажниот простор во најлонска кеса биле пронајдени 112 маици со ознаки на заштитени трговски марки. Поради основано сомневање дека со наведената стока се повредува правото од интелектуална сопственост, постапувајќи по своите законски надлежности, Царинската управа привремено ја задржа предметната стока. По увидот на стоката застапниците на  трговски марки ја известија Царинската управа дека имаат добиено потврда од носителите на правото на индустриска сопственост дека задржаните предмети се фалсификати, односно истите ги повредуваат нивните права од индустриска сопственост. На ваков начин пријавениот пуштил во промет производи што се предмет на заштита на правата од индустриска сопственост, со намера да измами купувачи, со што го сторил кривично дело за кое е осомничен.