Постапувајќи по констатирани неправилности, Секторот за контрола и истраги во Царинската управа на Република Македонија, во месец декември 2017 година, до надлежните јавни обвинителства поднесе 7 кривични пријави против 7 физички лица и 7 правни лица.

Кривичните пријави се поднесени поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела „Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“ и „Царинска измама”.  

Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма

До Основното Јавно Обвинителство Скопје се поднесени 3 кривични пријави против три правни лица и три физички лица, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма, односно неовластено увезле производи што се предмет на заштита на правата од индустриска сопственост, со намера да измамат купувачи. 

- Една кривична пријава е поднесена против правно лице од Скопје и одговорното лице Ф. С. од Скопје. На ден 01.11.2017 година во царинската испостава Скопје 3, за потребите на пријавеното правно лице, со една увозна царинска декларација била пријавена стока со потекло од Република Турција. При извршениот преглед на декларираната стоката за увозно царинење, од страна на царинските службеници биле  пронајдени 148 парчиња детски тренерки, 36 парчиња бебешки комплети, 20 парчиња бебешки долни тренерки и 7 парчиња машки тренерки со ознаки на заштитени трговски марки. 

- Една кривична пријава е поднесена против правно лице од Скопје и одговорното лице З. Љ. од Скопје. На ден 09.10.2017 година во царинската испостава Скопје 1, за потребите на пријавеното правно лице, со една увозна царинска декларација била пријавена стока со потекло од Република Турција. При извршениот преглед на декларираната стоката за увозно царинење, од страна на царинските службеници биле  пронајдени 242 парчиња тренерки - дуксери и 181 парчиња тренерки со ознаки на заштитени трговски марки. 

- Една кривична пријава е поднесена против правно лице од Струмица и одговорното лице З. К. од Струмица. На ден 06.10.2017 година во царинската испостава Скопје 1, за потребите на пријавеното правно лице, со една увозна царинска декларација била пријавена стока со потекло од Република Турција. При извршениот преглед на декларираната стоката за увозно царинење, од страна на царинските службеници биле  пронајдени 195 парчиња детски комплети, 80 парчиња фармерки, 118 парчиња паричници, 18 парчиња јакни, 135 пара детски тренерки, 40 парчиња блузи и 5 парчиња дуксери со ознаки на заштитени трговски марки. 

Во сите три случаи, поради основано сомневање дека со наведената стока се повредува правото од интелектуална сопственост, постапувајќи по своите законски надлежности, Царинската управа привремено ја задржа предметната стока. По увидот на стоката застапниците на заштитените трговски марки ја известија Царинската управа дека имаат добиено потврда од носителите на правото на индустриска сопственост дека задржаните предмети се фалсификати. На ваков начин пријавените се обиделе да увезат производи кои се предмет на заштита на правата од индустриска сопственост, со намера да измамат купувачи, со што го сториле кривично дело за кое се осомничени.

Царинска измама

Четири кривични пријави се поднесени против  четири правни лица и четири физички лица поради сомневање за сторено кривично дело царинска измама, од кои:

- Една кривична пријава, до Основното Јавно Обвинителство Скопје, е поднесена  против правно лице од Тетово и одговорното лице Н. И. од Тетово, кои дале лажни податоци за стоките при увозно царинење, а кои влијаат на пресметките на износот за плаќање на царина и други увозни давачки, со намера да избегнат делумно плаќање на истите. На ден 04.12.2017 година за потребите на правното лице, во царинска испостава Скопје 4 била поднесена  увозна царинска декларација за разни стоки од Република Турција. По извршениот детален преглед на декларираната стока, од страна на царинските службеници констатирано е дека во пратката има поголема количина непријавена стока (автомобилски делови, текстилни производи и друго) која не е наведена во увозната царинската декларација и во приложената фактура кон увозната декларација. Царинските службеници утврдиле дека вредноста на непријавената стока изнесува околу 1,4 милиони денари, а избегнатите увозни давачки се во вкупна вредност од околу 361 илјада денари. 

- Една кривична пријава, до Основното Јавно Обвинителство Струга, е поднесена  против правно лице од Кичево и одговорното лице Г. И. од Кичево, кои дале лажни податоци за стоките при увозно царинење, а кои влијаат на пресметките на износот за плаќање на царина и други увозни давачки, со намера да избегнат делумно плаќање на истите. На ден 26.04.2016 година за потребите на правното лице во царинска испостава Струга, поднесена е увозна царинска декларација за разни стоки од Република Турција. Поради постоење на основано сомнение во поглед на веродостојноста на фактурата приложена при увозно царинење, Царинската управа на Република Македонија се обрати до царинската администрација на Република Турција со барање за верификација на фактурата, согласно Спогодбата за взаемна административна помош за царински прашања склучена помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Турција. Од страна на царинската администрација на Република Турција доставена е копија од извозна фактура со ист број, издадена од истата фирма од Турција, но, на износ од 40.050,00 евра, наместо 15.028,52 евра колку што е пријавено при увозното царинење. Врз основа на ваквата утврдена фактичка состојба, Царинската управа ја утврди царинската вредност на стоките и изврши дополнителна пресметка на царински долг по предметната декларација, при што се утврдени вкупно избегнати увозни давачки во износ од околу 346 илјади денари.

- Една кривична пријава, до Основното Јавно Обвинителство Струга, е поднесена против правно лице од Гостивар и одговорното лице З. М. од Гостивар, кои дале лажни податоци за стоките при увозно царинење, а кои влијаат на пресметките на износот за плаќање на царина и други увозни давачки, со намера да избегнат делумно плаќање на истите. За потребите на правното лице, со десет царински декларации во царинска испостава Струга, увозно се оцаринети разни стоки од Република Турција. Поради постоење на основано сомнение во поглед на веродостојноста на фактурите приложени при увозно царинење, Царинската управа на Република Македонија се обрати до царинската администрација на Република Турција со барање за верификација на фактурите, согласно Спогодбата за взаемна административна помош за царински прашања склучена помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Турција. Врз основа на одговорот добиен од царинската администрација на Република Турција и прилозите кон истиот, односно фактури и извозни царински декларации, се утврди дека стоките се извозно оцаринети во Република Турција со фактури  на повисоки  износи од износите прикажани на македонските царински органи. Царинската управа, врз основа на утврдена фактичка состојба, ја утврди реалната царинска вредност и изврши дополнителна пресметка за наплата на царински долг, при што се утврдија вкупно избегнати увозни давачки во износ  од околу 170 илјади денари.

- Една кривична пријава, до Основното Јавно Обвинителство Тетово е поднесена  против правно лице од Гостивар и одговорното лице З. Ц. од Скопје, кои дале лажни податоци за стоките при увозно царинење, а кои влијаат на пресметките на износот за плаќање на царина и други увозни давачки, со намера да избегнат делумно плаќање на истите. За потребите на правното лице, со две царински декларации во царинска испостава Тетово, увозно се оцаринети разни стоки од Република Турција. Поради постоење на основано сомнение во поглед на веродостојноста на фактурите приложени при увозно царинење, Царинската управа на Република Македонија се обрати до царинската администрација на Република Турција со барање за верификација на фактурите, согласно Спогодбата за взаемна административна помош за царински прашања склучена помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Турција. Врз основа на одговорот добиен од царинската администрација на Република Турција и прилозите кон истиот, односно извозни царински декларации, се утврди дека стоките се извозно оцаринети во Република Турција со фактури  на повисоки  износи од износите прикажани на македонските царински органи. Наместо  приложената фактура со износ од 3.587,00 евра, всушност вистинската вредност на стоките изнесува 16.065,00 долари, а во вториот случај наместо фактурата со вредност од 7.200,00 евра, вистинската вредност на стоката  изнесува 12.600,00 долари. Врз основа на ваквата утврдена фактичка состојба Царинската управа ја утврди реалната царинска вредност и изврши дополнителна пресметка за наплата на царински долг, при што се утврдија вкупно избегнати увозни давачки во износ  од околу 118 илјади денари.