Стартува дигиталниот систем за обработка на царински декларации и акцизни документи (СОЦДАД), Сите извозни декларации по полноќ, 00.00.01 часот  на 01.06.2019 се поднесуваат во СОЦДАД.

Царинската управа на Република Северна Македонија прави голем напредок во остварување на својата визија и избива на водечко место во регионот. СОЦДАД е систем кој е во ранг на најсовремените системи кои се користат од страна на земјите членки на ЕУ, и со негова примена, нашата земја е чекор понапред кон исполнување на барањата за влез во Европската Унија.

Со имплементацијата на новиот систем, кој претставува предуслов за понатамошно развивање на дигиталните решенија и услуги, значително се поедноставува работата на сите учесници во царинската и надворешно-трговската постапка во ефикасна и модерна царинска околина. Царинските постапки кои досега се реализираа на хартија ќе бидат заменети со електронски постапки. СОЦДАД е современ и комплексен систем кој ги интегрира постоечките системски решенија.

За економските оператори, тоа значи намалување на времето на поднесување на декларации, поедноставување на процесите, и најважно - значително намалување на трошоците. Сите процеси се автоматизираат со што се намалува можноста за човечки грешки, како и ризикот од недозволени дејствија и корупција.

До СОЦДАД економските оператори можат да пристапуваат преку сопствени системи или со користење на Порталот за трговци на Царинската управа кој е достапен без надомест. 

Уште еднаш апелираме сите економски оператори за непречено поднесување на царински декларации во новиот систем навремено да проверат дали ги исполнуваат основните услови: 

  • Да поседуваат електронски потпис (сертификат);
  • Да имаат одобрен пристап до СОЦДАД;
  • Доколку поднесуваат декларации како застапници, потребно е во СОЦДАД да побарале и добиле Одобрение за застапување. Предуслов за ова е претходно најмалку еден вработен да побарал и добил лиценца за застапување во СОЦДАД;
  • Сите одобренија поврзани со царински постапки мора претходно да бидат обезбедени во СОЦДАД.