При вчерашното гостување во емисијата „Економски магазин“ (програма на Алсат, 11.12.2019) директорот на Царинската управа ги појасни законските измени во оданочување на возилата што произлегуваат од новиот Закон за данок на моторни возила, кој е во собраниска процедура и кој треба да стапи во сила на 1 јануари 2020 година заедно со новиот Закон за акцизи од кој се изземени возилата, како резултат на усогласување на националното акцизно законодавство со законодавството на Европската унија.

Законот за данок на моторни возила е изготвен врз основа на најдобрите практики на Унијата и во соработка со Регионалниот центар за животна средина за Централна и Источна Европа – Канцеларија во Македонија (REC COM), со вклучување на еколошка компонента, без намера да се редифинираат давачките со цел наплата на повеќе приходи. Директорот Танасоски во интервјуто образложи и дека при изготвувањето на методологијата за пресметка на посебниот данокот за моторни возила одржани се средби и со импортерите на возилата, земени се предвид нивните укажаувања и им е објаснет начинот на комуникација за размена на документи со Царинската управа. По донесувањето на Законот, за функционално спроведување ќе биде донесен Правилник изготвен од Министерството за финансии и Уредба за пресметка на коефициент што ја изработува Владата.

Новата пресметка на данок за моторни возила ќе биде комбинирана и ќе се базира и на староста на возилото, неговата вредност, коефициентот утврден од Владата и просечната емисија на јаглерод диоксид. Претходно наплатуваната еколошка такса се регулира вон овој закон.  

Поголеми давачки ќе се плаќаат за возилата кои испуштаат повеќе јаглерод диоксид. Царината нема да мери емисија на јаглерод диоксид и ќе ги консултира  податоците од поднесените документи (како на пример потврда од производител, сообраќајна дозвола), со обезбеден механизам на проверка на податоците и можности за дополнителна наплата и прилагодување на цена.

Директорот Танасоски истакна дека со измените се стимулира набавка на нови возила преку изземање од давачки за одредени возила (оние што се користат за прва помош, погребални услуги) и преку враќање на платен данок за нови возила наменети за такси превозни услуги, каде повратот на данок зависи од конкретната намена на возилото (кај моторни возила ќе има 25% поврат на данок, а кај возила со седишта 7+1 и 8+1 што ќе се употребуваат за такси услуги и за потреби на компании ќе се враќа данок до 80%).

За поттикнување на употребата на електричните возила, за сите категории од овој вид е пропишано ослободување од посебен данок на моторни возила. Хибридните возила ќе подлежат на ослободување до 50% од посебниот данок.

Мотивирањето на граѓаните да набавуваат возила што помалку загадуваат, ќе биде заедничко залагање на повеќе институции каде се планира спроведување на посебни мерки. Сегашните бројки упатуваат на тоа дека 82% од набавуваните возила се половни, а само 18% нови возила.

За олеснување, граѓаните кои имаат намера да набават возило, по стапувањето на сила на Новиот Закон за данок на моторни возила, ќе имаат на располагање објавен Калкулатор за пресметка на приближен посебен данок за  конкретно возило. 

Законските измени за оданочување на моторни возила се изготвени со уважување на социјалниот и економскиот аспект во земјата и не се очекува нагло зголемување на данокот на моторните возила.

 

1
1
2
2
Previous Next Play Pause
1 2