На 29.01.2020 година Државниот инспекторат за животна средина во координација со Министерството за животна средина и просторно планирање и Царинската управа, извршија вонреден инспекциски надзор на 15 камиони  со отпад (РДФ) од Италија. Камионите беа  запрени на влез на граничниот премин Богородица.

Од отпадот беа земени мостри, а со цел поголема веродостојност на резултати, земените мостри беа доставени до Истражен центар за животна средина во Република Естонија.  Врз основа на резултатите од анализата на двете мостри од РДФ отпад направени во независната лабораторија на Естонија потврдено е дека испитаните параметри се во согласност со дозволените граници наведени во Европскиот стандард за Цврсти обновени горива EN 15359:2011.  

Според стандардот, РДФ отпадот е класифициран во 5 дозволени класи врз основа на три параметри:
•    нето калорична вредност (топлинска енергија при согорување на енергенсот, која укажува на перформансите на отпадот),
•    содржината на хлор (кој укажува на техничкото однесување)
•    содржина на жива (која укажува на влијание на околината)
во енергенсот.     

Оттука според стандардот EN 15359:2011 првата испитана мостра од РДФ припаѓа на трета класа според нето калоричната вредност (во граници на нормала), четврта класа според содржина на хлор (во граници на нормала) и четврта класа според содржина на жива (во граници на нормала).     

Втората испитана мостра од РДФ припаѓа на трета класа според нето калорична вредност (во граници на нормала), трета класа според содржина на хлор (во граници на нормала) и  четврта класа според содржина на жива(во граници на нормала).   
   
Согласно горенаведеното, мострите ги задоволуваат барањата на Европскиот стандард за Цврсти обновени горива.