Во текот на изминатиот месец, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење стока, при што се задржани, цигари, девизи, алати, фалсификати и друго.

Притоа привремено се задржани:

Девизи

- 7.000 евра, откриени при контрола на македонски камион управуван од македонски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат. Во рачна ташна на возачот, сместена меѓу седиштата во кабината на камионот, биле пронајдени 9.000 евра за кои не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи, на возачот му биле вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата,  а за сторениот прекршок е поведена прекршочна постапка.

Цигари

- 58 штеки цигари Marlboro без акцизни маркички, откриени на Интернационалниот Аеродром Скопје, при контрола на патните торби на македонски државјанин кој имал намера да отпатува со лет за Лутон.  Непријавените цигари се привремено задржани, а против патникот ќе биде поведена прекршочна постапка.

Алати

- 84 сетови и 48 парчиња рачни алати и делови за алати (пили, клешти, либели, штрафцигери, четки, фрези, острачи за бургии, ножеви за циркулари и бургии) и 68 парчиња детска облека (фустани и блузи), откриени од страна на мобилните царински тимови при контрола на бугарско патничко комбе, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените производи биле пронајдени во голема торба сместена во багажниот простор на комбето, за која возачот изјавил дека не е негова туку само требало да ја транспортира до Северна Македонија. Производите се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка. 

- 34 парчиња разни алати (батериски штрафилици, циркулар, електрични хилти, бормашини и мултитул), откриени од страна на мобилните царински тимови при контрола на македонско патничко комбе управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат.   

Непријавените алати, пронајдени во торби сместени во багажникот на возилото се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.

Хербициди и апетисани

- 17 литри хербициди SERASTAR и BUCKSTAR и околу 17 килограми (24 тегли) апетисани во мед, откриени при контрола на македонски камион, натоварен со бандажи наменети за увозник од Чешка, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените производи биле пронајдени на креветот и во сандакот за алат, во кабината на камионот. Истите се привремено задржани, а против возачот, македонски државјанин, ќе биде поведена соодветна постапка.

Возило

- еден автомобил Јееp Cherokee, откриен од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автомобил со шлеп-приколка, управуван од македонски државјанин, извршена на граничниот премин Ќафасан. Возилото кое било натоварено на приколката немало регистарски таблички, но од приложените документи било утврдено дека истото имало  швајцарска сообраќајна дозвола, која била одјавена во јануари 2020. Поради тоа што возачот не поседувал документи за платени царински давачки, возилото е привремено задржано, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост

- 349 пара спортски патики, 6 комплети спортски тренерки и 2 пара долни тренерки со ознаки на заштитени трговски марки, откриени при контрола на стока со потекло од Грција, наменети за увозник до Гевгелија, пријавени за увозно царинење во царинската испостава Гевгелија. Поради сомневање дека производите повредуваат права од интелектуална сопственост, истите се привремено задржани и согласно законските прописи ќе биде поведена постапка за утврдување на нивната оригиналност.

Alat 2, mobilna
Alat 2, mobilna
Cigari, Aerodrom Skopje
Cigari, Aerodrom Skopje
Herbicidi, apetisani,Bogorodica
Herbicidi, apetisani,Bogorodica
Vozilo, mobilna
Vozilo, mobilna
Previous Next Play Pause
1 2 3 4