Царинскиот транзит претставува камен-темелник на европската интеграција и е од витален интерес за европските бизниси. Овозможува полесно и поевтино движење на стоката и поедноставни и побрзи царински формалности. За негово непречено спроведување во 1987 година склучени се две конвенции помеѓу Европската економска заедница и ЕФТА државите. Конвенцијата за заедничка транзитна постапка од 20 мај 1987 година ја определува заедничката транзитна постапка, а Конвенцијата за поедноставување на формалностите при трговија со стока, исто така од 20 мај 1987 година, претставува поедноставување на формалностите при увоз, извоз и транзит преку воведување на Единствениот царински документ (ЕЦД). Полноправни членки на овие конвенции се земјите членки на ЕУ, ЕФТА, Турција и Македонија.

Република Македонија е полноправна членка на Конвенцијата за заедничка транзитна постапка и на Конвенцијата за поедноставување на формалностите при трговија на стока од 1 јули 2015 година. Пристапувањето кон конвенциите овозможува полесно и побрзо движење на стоката заради спроведувањето на транзитната постапка со поднесување на единствена транзитна декларација во електронска форма во местото на поаѓање која важи сè до местото на одредиште во рамките на договорните страни на конвенциите. Оваа транзитна декларација паралелно се употребува и како т.н. влезна збирна декларација која задолжително треба да се поднесе за секоја стока при влезот во било која земја членка на ЕУ.

Новиот компјутеризиран транзитен систем (НКТС) е систем кој е заснован на употреба на напредни компјутерски техники и електронска обработка на податоци. НКТС претставува  основа за спроведување на транзитната постапка преку размена на електронски пораки помеѓу застапниците во царинската постапка и царинските испостави, како и помеѓу самите царински испостави. Служи како алатка за управување и контрола на транзитните операции и овозможува помодерно и поефикасно управување од системот кој претходно беше базиран на хартија.