ПЕМ Конвенција 

Регионалната конвенција за пан-евро-медитеранските преференцијални правила за потекло  (ПЕМ конвенција) е единствен документ чија главна цел е примена на идентични преференцијални правила за потекло на стока со која се тргува меѓу договорните страни кои се потписнички на овој документ. 

Пан-евро-медитеранскиот систем на кумулација на потекло ги вклучува земјите членки на Европска унија, земјите членки на ЕФТА (Исланд, Норвешка, Швајцарија и Лихтенштајн), земјите од Барселона процесот (Алжир, Египет, Израел, Јордан, Либан, Мароко, Сирија, Тунис, Турција и Палестина) и Фарските Острови, како и земјите од Западен Балкан учесници во процесот на стабилизација и асоцијација со ЕУ (Албанија, Босна и Херцеговина, Република Северна Македонија, Црна Гора, Србија и Косово), Молдавија, Украина и Грузија. Овој систем е составен од мноштво на договори, во кои постојат протоколи за потекло со идентични правила за потекло кои овозможуваат дијагонална кумулација меѓу земјите од зоната. Покрај наведените, соседните држави и територии на договорните страни може да аплицираат да станат договорни страни на ПЕМ конвенцијата, под услов да имаат договор за слободна трговија кој уредува преференцијални правила за потекло, што отвара простор за примена на ПЕМ конвенцијата и во однос на други источноевропски земји, како и кавкаските земји. 

Договорните страни што ја имаат ратификувано ПЕМ конвенцијата, имаат склучено билатерален договор за слободна трговија кој содржи одредби дека правилата за потекло се утврдени во ПЕМ конвенцијата од аспект на примена на преференцијално потекло може да ја применуваат оваа конвенција. ПЕМ Конвенцијата ја замени мрежата на повеќе од 60 билатерални протоколи за правила за потекло со единствен правен инстумент.

Примената на дијагоналната кумулација во рамките на Пан-евро-медитеранскиот систем на кумулација на потеклото се заснова на мрежа на билатерални договори за слободна трговија, чиишто протоколи за потекло се засноваат на идентични правила за потекло на стока. Со овој единствен документ се овозможува сите членки кои учествуваат во ПЕМ процесот, ако имаат помеѓу себе договори за слободна трговија, да можат да кумулираат со потеклото на стоките, односно да користат репроматеријали од земјите членки на процесот и добивање на статус на преференцијално потекло на стоките кои ги произведуваат, како и примена на преференцијални царински стапки во земјите од ПЕМ процесот каде извезуваат.

Конвенцијата беше изменета со Одлуката бр. 1/2023 на Мешовитиот комитет од 7-ми декември 2023 година (Рeвидирана ПЕМ Конвенција), заменувајќи ги правилата од 2012 година со правилата од 2023 година. Оваа измена влегува во сила на 1-ви јануари 2025 година во однос на сите Договорни страни (ДС) и истата е објавена во Службен весник на РСМ број 261/2024.

ПЕМ Конвенцијата е применлива по пат на упатување на неа со одредби вклучени во Протоколите за потекло на релевантните билатерални договори на договорните страни. 

Ефективната примена помеѓу ДС на правилата од 2023 година е условена со воведување на упатување кон Конвенцијата како што е последно изменето и објавено во нивните билатерални договори (динамична врска).

Во Договорите/Спогодбите кои Република Северна Македонија ги применува со земјите членки на ЕУ, ЕФТА земјите, ЦЕФТА страните, Украина и Турција е извршена измена со воведување на динамична врска за примена на ревидираната ПЕМ Конвенција со што единствени правила за потекло кои ќе се применуваат во трговијата со наведените земји се оние од ревидираната ПЕМ Конвенција

Табела со кои договорни страни може да се користи дијагонална кумулација може да се види во следново известување:

Објава на Комисијата која се однесува на примената на Регионалната конвенција за Паневромедитеранските преференцијални правила за потекло или на протоколите за правила за потекло кои овозможуваат дијагонална кумулација помеѓу договорните страни на Конвенцијата (C/2025/6212)

Прирачник за начинот на примена на Регионалната Конвенција за Пан-евро-медитеранските преференцијални правила за потекло во тек на 2025 година

 

Можности за дијагонална кумулација применливи од 01.01.2026

До објавувањето на следното ажурирано Известување на Комисијата во Службениот весник на ЕУ серија Ц, на следниот линк е  матрицата во која се ажурирани податоците околу датумите на примена на дијагоналата кумулација согласно статусот на измените на билатералните Договори за слободна трговија и завршување на интерните постапки за ратификација на ревидираната ПЕМ конвенција на земјите од ПЕМ зоната. 

 

 

Scroll to top

.