Меѓународна соработка
Царинската управа на Република Северна Македонија активно учествува во работата на сите меѓународни организации од областа на царинско работење: Светска царинска организација (СЦО), Светска трговска организација (СТО), работни тела на Обединетите Нации, Центар за спроведување на закон во Југоисточна Европа (SELEC) и други.
Со цел обезбедување развој, зајакнување и примена на царинската политика, утврдување на приоритети и стратегии за иден развој и модернизација, поблиски билатерални и мултилатерални односи, примена на царински постапки согласно меѓународните стандарди и Конвенции и препораките и методологиите развиени од страна на Светската царинска организација, Република Македонија е договорна страна на повеќе меѓународни Конвенции.
Соработката со странски царински служби за унапредување на електронската размена на царински податоци со цел спречување на царински измами, криумчарење и кривични дела, за подобрување на соработката помеѓу царинските службеници на оперативно ниво, за олеснување на трговијата и безбедноста, како на регионално, така и на глобално ниво се темели на склучените Спогодби за билатерална соработка за взаемна помош по царински прашања.
Посебно место во агендата на Царинската управа имаат активностите насочени кон перманентно усогласување и примена на царинското законодавство на ЕУ во Република Македонија, исполнување на техничките и организациските барања, развој на административниот капацитет, како и проширување на јавната свест за начинот и филозофијата на функционирањето на Царинската унија.
Во Царинската управа се реализирани и се во тек голем број на проекти поддржани од странски и домашни институции за да се обезбеди осовременување на царинското работење и натамошен развој на инситуционалните и административните капацитети како што се развој на ИТ системи, подобрување на условите за работа, воведување на модерни царински и акцизни постапки итн.