Плаќање на акциза за тутунски производи

Акцизата за тутунски производи се плаќа со поднесување на акцизна декларација.

Акцизата на тутунски производи се плаќа со нивното пуштање во промет од акцизен склад со поднесување на акцизна декларација и тоа:

  • за количините на тутунските производи кои се пуштени во промет од 1-ви до 15-ти во тековниот месец. Акцизниот обврзник ја пресметува акцизата и поднесува акцизна декларација до надлежниот царински орган најдоцна во рок од пет дена по истекот на периодот и ја плаќа најдоцна до крајот на тековниот месец и
  • за количините на тутунските производи кои се пуштени во промет од 16-ти до крајот на тековниот месец. Акцизниот обврзник ја пресметува акцизата и поднесува акцизна декларација до надлежниот царински орган најдоцна во рок од пет дена по истекот на периодот и ја плаќа најдоцна до 15-ти во наредниот месец.

При увоз, акцизата на тутунските производи се плаќа во роковите и начинот кој е предвиден за плаќање на увозните давачки, освен во случаи кога акцизните добра се движат во постапка на акцизно одложување.

Доколку последниот ден за плаќање на акцизата е неработен ден, акцизниот обврзник е должен пресметаната акциза да ја плати најдоцна првиот нареден работен ден.

Исправка на акцизна декларација се врши по поднесено барање до надлежниот царински орган во рок од пет години од датумот на поднесената акцизна декларација. По исклучок, рок на исправка на пријавената количина на акцизни добра во акцизната декларација е три месеци, при што обврзникот доставува дополнителна акцизна декларација со изменети податоци, а надлежниот царински орган по извршена проверка, врши исправка на декларацијата. За утврдена помала акциза од пријавената се врши пребивање на повеќе платената акциза или враќање на акцизата по поднесено барање. За утврдена повисока акциза од пријавената, акцизниот обврзник врши доплата на разликата на акцизата во рок од 15 дена од исправката на декларацијата.

Постапување при зголемување на акцизата на тутунски производи

При зголемување на акцизата и/или малопродажната цена на тутунски производи, производителот и увозникот на тутунски производи се должни на денот на почетокот на примена на зголемената акциза и/или зголемената малопродажна цена да направат попис на затечени залихи на тутунски производи во сите складови и простории различни од акцизниот склад и да подготват и да достават до надлежниот царински орган записник за извршениот попис, не подоцна од пет работни дена од денот на извршениот попис.

Секој овластен дистрибутер на производителот или на увозникот на тутунски производи е должен на денот на почетокот на примената на зголемената акциза и/или малопродажна цена на тутунски производи да направи попис на затечени залихи во своите складови и во други свои простори како и во складови и простории на со нив поврзани друштва и да подготви и достави записник од извршениот попис до надлежниот царински орган, не подоцна од пет работни дена од денот на извршениот попис. Овие лица се должни да ја пресметаат зголемената акциза на вкупната затечена залиха, да поднесат акцизна декларација согласно член 10 став (3) од Законот за акцизите и да ја платат разликата во рок од 15 дена од денот на извршениот попис.

Scroll to top

.