Земјоделци – мали производители на жестоки алкохолни пијалаци

Земјоделци – мали производители на жестоки алкохолни пијалаци се лица кои како суровина користат овошје и грозје за производство на жестоки алкохолни пијалаци наменети за натамошна продажба и се должни до надлежниот царински орган да поднесат барање за регистрирање во компјутерскиот систем на Царинската управа СОЦДАД со придружни документи пропишани согласно Правилникот за начинот на оданочување со акциза на алкохол и алкохолни пијалаци и тутунски производи.

Барањето за издавање на одобрение се поднесува во СОЦДАД на следниов линк: https://trader.customs.gov.mk/trader-meos-ui/protected/main.html

Максимално дозволена количина на годишно производство е 2500 литри жесток алкохолен пијалак со просечна јачина од 45%, во распон од +/- 5% алкохол. Под годишно производство се подразбира производство во една календарска година.

На произведената количина на литар жесток алкохолен пијалак под услов годишното производство да не ја надминува количината од 2500 литри жесток алкохолен пијалак со просечна јачина од 45%, во распон од +/- 5% алкохол, се плаќа акциза во следните износи:

  • 0,00 (нула) денари во првата година;
  • 10,00 денари во втората година;
  • 20,00 денари во третата година и
  • 30,00 денари од четвртата година па натаму сметано од 01.01.2020 година

Земјоделецот – мал производител на жестоки алкохолни пијалаци пред да започне со дестилирање на овошјето е должен да го извести надлежниот царински орган дека ќе започне со производство, наведувајќи ги точната дата и време во кое ќе се одвива производството без прекин, местото на дестилирање, видот на овошјето кое ќе го дестилира, количината на комина и очекуваната количина на жесток алкохолен пијалок.

Земјоделецот – мал производител на жестоки алкохолни пијалаци веднаш, а најдоцна во рок од пет дена по завршување на производството, до надлежниот царински орган поднесува известување за произведената количина на жесток алкохолен пијалок, при што поднесува и барање за подигање на акцизни марки потребни за обележување на произведената количина на жесток алкохолен пијалок. Во барањето за подигање на акцизни марки се наведува количината и зафатнината на садовите во кои се планира продажбата на жестокиот алкохолен пијалок за крајните купувачи - физички лица и угостителски објекти.

Земјоделецот – мал производител на жестоки алкохолни пијалаци акцизата за произведената количина на жесток алкохолен пијалок ја плаќа пред подигнување на акцизните марки, а најдоцна во рок од 30 дена по поднесеното барање. Жестоките алкохолни пијалаци произведени од страна на земјоделците - мали производители на жестоки алкохолни пијалаци се пакуваат во садови со зафатнина најмногу до 5 литри за крајните купувачи - физички лица и за продажба во угостителски објекти.

Земјоделецот – мал производител на жестоки алкохолни пијалаци е должен комерцијалните пакувања да ги обележи со акцизна марка согласно условите од член 61 од Законот за акцизите. Акцизната марка треба да биде залепена на затворачот на шишето, така што при отворање ќе мора трајно да се оштети. Земјоделецот – мал производител на жестоки алкохолни пијалаци е должен да го означи пакувањето на жестокиот алкохолен пијалак со специјална етикета во која е наведено дека жестокиот алкохолен пијалок е произведен под посебен режим на намалена акциза и да го наведе бројот на регистрацијата во електронскиот Регистар на земјоделци – мали производители на жестоки алкохолни пијалаци. На етикетата треба да се наведе, името и адресата на земјоделецот – мал производител, процентот на алкохол, видот на производот, како и бројот од решението од Агенција за храна и ветеринарство дека производот е соодветен за консумирање.

Доколку земјоделецот – мал производител произведе жестоки алкохолни пијалаци во количина поголема од пропишаната должен е на надлежниот царински орган да му достави изјава за вкупно годишно производство на жестоки алкохолни пијалаци. Надлежниот царински орган со решение ќе ја утврди и пресмета акцизата на разликата од количината која е произведена над пропишаната во износ пропишан во член 58 став (5) од овој закон и дополнително ќе му издаде акцизни марки за обележување на жестоките алкохолни пијалаци произведени над пропишаната количина.

Scroll to top

.